Покана за Аплицирање

Училишна медијација „Едукација за мир и социјална одговорност“

 

Почитувани,

Форум цивилен мировен сервис (ФорумЗФД), Мисијата на ОБСЕ во Скопје и Тренинг центарот за менаџмент на конфликти од Скопје (ТЦМЦ), со задоволство ве покануваат да бидете дел од проектот „Медијација за промена“. Проектот  цели кон елиминирање на насилството во училиштата и промоција на културата на мир преку воведување училишна и врсничка медијација како алтернативна алатка за решавање конфликти. 

Училишната медијација веќе ги покажува првите резултати во училиштата во кои ФорумЗФД и ТЦМЦ работат веќе 5 години. Со овој проект, концептот ќе се прошири во средните училишта во шест општини и придобивките од оваа иницијатива може да бидат дел и од вашето училиште.  Повелете приклучете ни се!

 

Што е тоа училишна медијација?
Медијацијата е начин на решавање на конфликти и надминување на недоразбирања преку трета, неутрална страна, која што се појавува во улога на медијатор, т.е., посредник помеѓу судрените страни. Целта на медијацијата е на конфликтот да му се пристапи на конструктивен начин и да се дојде до заедничко решение околу кое што постои согласност.

Училишната медијација, од друга страна, преставува алтернативен начин на решавање на спорови, преку кој училиштето ја зајакнува социјалната одговорност на учениците и им дава можност активно да учествуваат во решавањето спорови.  Со врсничката медијација, самите ученици стануваат медијатори кои понатаму ќе посредуваат при решавањето спорови меѓу нивните врсници.

 

Зошто медијацијата е толку популарна?
Затоа што претставува брзо, евтино, доброволно, доверливо, фер и креативно решавање на спорови меѓу две или повеќе страни со помош на трета страна - медијатор. 

 

Кои се придобивките ? 

  • Иако врсничките медијатори не донесуваат обврзувачки одлуки, тие им помагаат на страните во судирот да го решат проблемот и ги водат кон заедничка победа;
  • Програмата ги охрабрува младите да преземаат водство и одговорност за својата дисциплина, а со тоа се намалува товарот кој училишната администрација го има при спорови меѓу учениците, наставниците и родителите;
  • Го менува начинот на разбирање и решавање на конфликтите, а со тоа и обезбедува можности за подобрување на меѓучовечките односи;
  • Ја јакне самодовербата преку јакнење на персоналните и социјалните вештини;
  • Ги подобрува вештините за слушање и критичко размислување;
  • Ја подобрува училишната клима затоа што страните доаѓаат до заедничко прифатливо решение, без притисок, наметнување или авторитет;
  • Придонесува кон намалување на бројот на укори и внесување позитивна енергија меѓу учениците и наставниците, а со самото тоа и поттикнување на активно учество на сите чинители во училиштето;

 

Проектот „Медијација за промена“
Проектот „Медијација за промена“е финансиски поддржан од Швајцарската Амбасада, а го спроведува Мисијата на ОБСЕ во Скопје во партнерство со Форум ЗФД и ТЦМЦ. Во рамките на проектот ќе се организираат основни и напредни обуки за 24 педагози, психолози, социолози и наставници од средните училишта во: Скопје, Тетово, Гостивар, Кичево, Струга и Прилеп. Лицата кои успешно ќе ги завршат обуките ќе добијат сертификати за медијатори и понатаму ќе треба да:

  • Дејствуваат како медијатори и да интервенираат при појава на спорови од каква било        природа (на пр., меѓу ученици, меѓу наставници, родители); и
  • Да бидат едукатори, односно, обучувачи за училишна медијација, кои секоја година ќе      обучуваат ученици-врснички медијатори, и во исто време ќе ја промовираат         медијацијата меѓу учениците и наставниците.

 

Во рамките на проектот ќе се организираат следните активности:
1.   Основна обука за училишна медијација,  9-11 Мај 2014 година
2.   Напредна обука за медијатори, 21-25 Мај 2014 година
3.   Обука за едукатори по училишна медијација, 21-22 Јуни 2014 година
4.   Дисеминација на знаењето преку организирање обуки за колеги наставници кои се заинтересирани за концептот на училишна медијација, како и обуки за ученици кои ќе се идентификуваат како потенцијални врснички медијатори.

 

Кој може да аплицира?

  • Ако сметате дека сте комуникативни и отворени и сте педагог, психолог, социолог или наставник кој ужива почит во кругот на ученици и професори во вашето средно училиште;
  • Ако сакате да помогнете во решавање спорови меѓу ученици и наставници;
  • Ако мислите дека може да бидете обучувач за медијација и да го пренесете здобиеното знаење меѓу учениците, наставниците и родителите; и
  • Ако мислите дека навистина можете да станете медијатор,

 

Аплицирајте и не пропуштајте ја можноста да станете Училишен медијатор!

 

КЛИКНЕТЕ ТУКА За на да ја превземете Апликацијата и ве молиме пратете ја истата на следните е-маил адреси: office@tcmc.org.mk или office@forumzfd.mk

 

 

 

 

За повеќе информациии во врска со целата програма за врсничка медијација кликнете ТУКА